Велосипедскиот туризам сè повеќе добива на популарност, a како главни причини се издвојуваат подоброто здравје, намалувањето на јаглеродните емисии, но и економските придобивки за локалните средини. Во таа област сега се појавуваат и понови трендови, па патувањата кои порано беа главно спортски ориентирани и на долги релации, се заменуваат со инклузивно истражување на дестинации.
Туркије и во овој дел има богата понуда, со широка мрежа на внимателно осмислени велосипедски патеки, кои ги спојуваат природата, историјата и локалната култура во едно патување. Земјата е и членка на Европската мрежа, која го поврзува целиот европски континент преку 17 долги велосипедски патеки. Овие рути се дизајнирани за различни велосипедски дисциплини и нивоа на подготвеност, а на туристите им овозможуваат и средби со локалното население, дегустација на регионални специјалитети, како и откривање богати пејзажи и археолошко наследство. За велосипедистите има и сертифицирани сместувачки капацитети кои нудат удобност и специјализирани услуги.
Велосипедските рути во Туркије се и домаќини на некои од најпрестижните светски трки. Една од нив е Претседателската велосипедска тура на Туркије, чие 61. издание се одржа на почетокот на мај, претставувајќи ја целата разновидност на земјата. Почнувајќи од крајбрежниот град Чешме во Измир и продолжувајќи сè до главниот град Анкара, трката им понуди на велосипедистите незаборавно патување, па затоа и се препорачува како искуство за сите љубители на овој спорт.
Првата етапа се вози од Чешме до Селчук во Измир, па сите авантуристи поминуваат низ егејските градови Алачати, Урла и Сеферихисар, а патувањето завршува кај Ефес, кој е на листата на светско наследство на УНЕСКО. Овој правец е и дел од рутата EuroVelo 8, кој припаѓа на големата европска мрежа. Следната етапа ги поврзува Ајдин и Мармарис во Мугла, каде за само неколку минути може да се премине од истражување на крајбрежјето на морско ниво до предизвикувачко искачување низ густи шуми.

На наредната рута, пак, велосипедистите тргнуваат од Мармарис, минуваат низ скриени егејски села, покрај заливот Ѓокова, античкиот град Каунос, Cittaslow градот Ќојџегиз и пристаништето Ѓочек, пред да пристигнат во Фетије, место познато за параглајдерство. Четвртата етапа води кон Анталија. Почнувајќи од античка Патара, рутата го следи крајбрежјето полно со предизвици, како што е нуркачката дестинација Каш, потоа Демре, каде се наоѓа црквата „Св. Никола“, античкиот град Мира, и завршува во Кемер, на падините на планината Таурус.
Последната етапа се одвива во главниот град Анкара и е фокусирана на административните и историските знаменитости, особено оние од републиканскиот период. Возењето може да продолжи и до мирното езеро Ејмир, каде што се спојуваат урбаната енергија и природата.
