Крлежите не се само непријатни паразити, туку и преносители на опасни заболувања, меѓу кои и крлежен менингоенцефалитис (КМЕ). Затоа лекарите и експертите советуваат по секој престој во природа внимателно да се прегледа телото, но откривањето на ситните крлежи честопати е многу тешко.
Сепак, постои едноставен трик со паметен телефон кој може значително да ја олесни потрагата, а за него малкумина знаат.
Станува збор за функцијата за зголемување на камерата во комбинација со опцијата за инверзија на бои. Кога ќе се вклучи оваа опција, темните крлежи на кожата или во крзното на домашните миленици стануваат светли точки и многу полесно се забележуваат.
Методот може да биде особено корисен кај домашните миленици, каде крлежите често остануваат незабележани сè додека не се наполнат со крв и не станат поголеми.
Како функционира трикот?
Кај Андроид уредите потребно е во поставките да се пронајде функцијата „Зголемувач“ или „Кратенка за зголемувач“, а потоа преку камерата да се активира филтерот „Инвертирано“ или „Инверзија на бои“.
Кај Ајфон, пак, треба да се отвори апликацијата „Magnifier“, а потоа преку опциите да се избере филтерот „Инвертирано“.
По активирањето на функцијата, телефонот полека се движи над кожата или крзното на миленикот, при што крлежите стануваат многу повидливи.
Според германскиот портал t-online, за време на тестирањето дури и бемките на кожата станувале јасно видливи како светли точки, што покажува колку оваа метода може да помогне при откривање крлежи.
Експертите потсетуваат дека, покрај редовните проверки, вакцинацијата останува една од најважните мерки за заштита од болести што ги пренесуваат крлежите.
