Ново истражување открива кои европски градови нудат најдобра вредност за посетителите за 2026 година – и кои би можеле да ги натераат да потрошат значително повеќе. Со цените на летовите коишто моментно се во пораст, кратките патувања до европските градови веројатно ќе бидат меѓу најголемите трендови за патување ова лето, бидејќи патниците ги менуваат скапите дестинации на долги релации за поевтини и подостапни одмори. Најновиот „Барометар за градски трошоци (City Costs Barometer)“ од британската „Пост офис травел мани (Post Office Travel Money)“ oбjaви топ-листи на европски градови коишто нудат „најдобра и најлоша вредност“ на парите за посетителите, пренесува „Еуроњуз (Euro News)“.
Годишниот извештај ги анализира цените за 12-дневни патни трошоци за две лица во 50 градови. Тој им дава на патниците увид во тоа колку навистина може да чини одмор во еден град. Земени се предвид шоља кафе, шише пиво, лименка „Кока-кола“ или „Пепси“, чаша вино и вечера од три јадења за двајца со домашно вино. Вклучени се и трошоците за превоз, како што превоз со автобус или воз од аеродромот и 48-часовна влезница за јавен превоз, како и тура со автобус, влез во историска знаменитост, уметничка галерија и музеј. Конечно, додадена е и цената за две ноќевања во хотел со три ѕвезди за двајца.
Според извештајот, „позицијата на градот во рангирањето е помалку важна од тоа како се чувствуваат цените кога сте таму и колку планирате да потрошите за одредени работи“, се нагласува. Сместувањето е обично најголемиот фактор во вкупната цена, а „дури и малите промени“ во цените на хотелите може да ја „поместат вкупната цена“ на краток одмор.
„Во поевтините градови, имате поголема слобода да донесувате одлуки во од. Во поскапите, малку планирање помага да се држат трошоците под контрола“, се наведува.
Некои европски градови се „забележително поевтини откако ќе пристигнете“, се вели. Ноќниот живот и рестораните се подостапни, јавниот превоз е достапен, а некои знаменитости може да бидат поевтини отколку што би очекувале. Ова значи дека може да направите повеќе, да останете подолго излезени надвор и целосно да му се препуштите во она што градот го нуди без постојано да ги проверувате цените и ограничувањата. Според „Барометарот“, Источна Европа повторно доминира во рангот со најдобра вредност, со осум од првите 10 места за најевтини европски градови за одмор. Во таа смисла, Сараево првпат е прогласен за град за одмор со најдобра вредносна понуда во Европа за 2026 година, со вкупна цена од 287 евра за сите 12 ставки. На босанскиот главен град, во првите пет му се придружуваат Букурешт, Романија; Тирана, Албанија; Белград, Србија и Тренчин, Словачка.
Со прифатливо сместување, евтин јавен превоз и атракции со добра вредност, Сараево е „совршено“ за посетителите кои бараат „богата култура, историја и храна без високи цени“, според извештајот.
Во сè попопуларната Албанија, Тирана има „сè што ви треба“ за опуштен градски одмор, додека српската престолнина „ги исполнува сите услови“ за ноќен живот, гастрономија и прошетки покрај река „без цените на големите градови“. На место бр. 5 се наоѓа Тренчин, кој нуди „потивка алтернатива“ во однос на поголемите главни градови и е идеален за посетители кои сакаат „побавно темпо, многу пешачење, историски знаменитости и многу ниски секојдневни трошоци“.
Во топ-10 најевтини европски градови за одмор, влегуваат и Рига, Латвија; Лил, Франција; Вилнус, Литванија; Стразбур, Франција; Подгорица, Црна Гора.
Кои се најскапите европски градски одмори за 2026 година?
На „другиот крај“ од скалата е главниот град на Норвешка, Осло како најскап европски град за одмор за 2026 година, со вкупна цена на трошоци од 850 евра за анализираните 12 ставки. Во првите пет се и Копенхаген, Данска; Единбург, Шкотска; Женева, Швајцарија и Барселона, Шпанија.
Листата ја дополнуваат Даблин, Ирска; Амстердам, Холандија; Корк, Ирска; Венеција, Италија и Мадрид, Шпанија – сите со проценети трошоци од над 650 евра.
