Гостувањето на Слаткаристика во „Полиграф“ кај Стефонатор донесе редок увид во тоа како еден артист размислува за искреност, вера и родителство пред детектор на лаги. Во текот на емисијата, тој повеќепати користи т.н. „кока-кола батон“ – можност да не одговори, наместо да лаже. „Гледам да не лажам, ако некам да кажам, притискам копче,“ вели тој, објаснувајќи дека свесно сака да избегне неискреност.
Полиграфот покажува „пад“ на неколку прашања, а тој отворено ги коментира. На прашањето дали верува дека филмот може да освои Оскар, одговорил „Да“, но подоцна признава дека не бил сигурен. „Не знам баш дали Оскар, ама верувам дека може да влезе на места каде што не би влегол јас со мојата музика,“ објаснува. Вели дека ако кажел „Не“, тоа би звучело како да не верува во филмот, па затоа неговиот одговор е повеќе израз на надеж отколку на сигурност.
На прашањето дали е добар татко, исто така се појавува несигурност. „Верувам дека сум добар татко,“ вели, но додава дека можеби се преиспитува, затоа што „за нашите деца никад не е доволно тоа што го даваме“. Споменува дека поминува многу време со својот син Моша, и со хумор додава дека не сака детето да „пелтечи“, алудирајќи на сопственото искуство со говорната мана.
Во еден момент зборува и за верата. „Верувам дека кога имаш чиста мисла, чиста намера, братот од горе увек е со тебе,“ вели, објаснувајќи дека верува во „врати што не знаеш дека постојат“ и се отвораат кога намерите се чисти. На крај, водителот заклучува дека бил „многу искрен, но недоволно“, а Слаткар на шега додава дека мислел оти ќе падне на нешто друго, но дека „се трудел да не лаже“.
Овој разговор, без големи гестови и драматични изјави, преку прости прашања и полиграф, го покажува Слаткар како човек кој се колеба, се преиспитува, но и јавно зборува за своите стравови и надежи. ОД филмот, преку кариерата, до тоа дали е добар татко.
