Необичен производ наменет за луѓето кои тешко поднесуваат лекови со горчлив или непријатен вкус привлече големо внимание на социјалните мрежи. Станува збор за проѕирна навлака за јазик за еднократна употреба, чија цел е привремено да го намали чувството за вкус додека се зема лекот.
Навлаката се поставува директно на јазикот и создава физичка бариера меѓу лекот и површината на јазикот, со што треба да се намали контактот со рецепторите за вкус и непријатното чувство при голтањето.
Производот се рекламира како решение и за деца и за возрасни кои имаат проблем при земање сирупи, таблети или други препарати со изразено непријатен вкус.
Навлаките се за еднократна употреба и веќе можат да се најдат на интернет во пакувања со различен број парчиња.
Сепак, производот стана вирален и поради коментарите на социјалните мрежи. Покрај неговата основна намена, голем број корисници со доза на хумор го поставуваат прашањето: „За што друго може да се користи?“
