Намирници кои секојдневно го нарушуваат здравјето

Hrana 1.jpg

Сè поголемиот број хронични заболувања кај младите и возрасните станува сериозен предизвик за јавното здравје. Начинот на живот, кој вклучува многу седење, постојан стрес и неправилна исхрана, се смета за главен виновник. Во тој контекст, кардиологот д-р Аурелио Рохас посочува дека токму две намирници, кои често се дел од секојдневното мени, можат постепено да го нарушат здравјето. Во фокусот на стручната јавност сè почесто е инсулинската резистенција – состојба што не е поврзана само со дијабетес тип 2, туку и со срцеви заболувања, хронични воспаленија и одредени типови карцином. Зголемен број случаи кај младите Д-р Рохас укажува дека во последните години се бележи пораст на дијагностицирани случаи на рак кај помладата популација.

„Сведоци сме на загрижувачки тренд на зголемување на малигни заболувања кај младите“, истакнува тој. Иако не постои една конкретна причина, лекарот нагласува дека кај многу пациенти се забележуваат слични фактори, меѓу кои и инсулинската резистенција. Станува збор за состојба при која организмот мора да лачи поголеми количини инсулин за да го одржи нивото на шеќер во крвта во нормала.

„Постојано високото ниво на инсулин влијае не само на телесната тежина, енергијата и квалитетот на сонот, туку и на здравјето на срцето. Истовремено, се активираат процеси како воспаление, стареење на клетките и неконтролирано размножување на оштетени клетки“, објаснува Рохас. Ова, според него, претставува „тивок“ процес што може да трае со години без видливи симптоми, сè додека не се појават посериозни здравствени проблеми. Кои намирници се проблематични? Кардиологот издвојува две категории храна кои се широко застапени во модерната исхрана – додадени шеќери и рафинирани брашна.

„Постојат намирници што секојдневно ги консумираме, а несвесно му штетат на организмот“, предупредува тој. Овие производи предизвикуваат нагли скокови на шеќерот во крвта, што го принудува телото да произведува повеќе инсулин. Со текот на времето, овој процес може да доведе до нарушување на метаболизмот. Додадените шеќери најчесто се наоѓаат во газирани пијалаци, слатки, индустриски сосови, па дури и во производи што се сметаат за здрав избор, како јогурти и житарки. Од друга страна, рафинираните брашна се основа на белиот леб, тестенините и многу преработени производи. Сепак, Рохас потенцира дека не станува збор за целосно избегнување. „Не е потребно целосно да се исфрлат од исхраната, туку да се внимава на количината и зачестеноста“, вели тој.

Клучот е во балансот – проблемот настанува кога овие намирници стануваат доминантен дел од секојдневната исхрана и ги заменуваат нутритивно побогатите опции. Како што заклучува докторот, долгорочната прекумерна консумација може да има сериозни последици по здравјето.

Related posts

Месечен хороскоп за февруари 2024 година

CityLife

Зошто треба да пиете чај од хибискус наместо зелен?

CityLife

Кајсијата го штити срцето

CityLife