Совети за одржливо домаќинство: Како правилно да селектирате?

Создавањето на одржливо домаќинство може да одземе многу време, но резултира во огромни придобивки не само на заедницата која живее во него, туку и за целата животна средина. Рециклирањето е само првиот чекор во овој процес, а во продолжение ќе дознаете како и од каде да започнете. Најпрво, важно е да знаете што ќе рециклирате. Одредени општини и градови различно ги имаат уредено начините и системите на рециклирање, но најчесто ги примаат истите отпадни материјали. Што можете да рециклирате?

Хартија

Весници, кои е најдобро да ги одложувате во посебна кутија, бидејќи лесната, печатена хартија се рециклира посебно од останатата. Истото важи и за магазините, памфлетите и каталозите кои ги добивате во поштенското сандаче.

Стакло

Дали знавте дека пластиката се рециклира според бојата: зелена, кафена и проѕирна? Обично организациите за рециклирање на отпад го групираат стаклото на овој начин, со цел тоа да се обработи и реупотреби. Можете да ја оставите хартиената етикета на шишињата, бидејќи таа не претставува пречка во процесот на рециклирање. Сепак, обичните светилки, огледалата и предметите направени од пирекс стакло не се рециклираат и на нив ќе треба да им најдете друга намена или да ги исфрлите.

Картон и картонски амбалажи

Веројатно веќе знаете дека картонот е материјал со висока вредност кога се работи за рециклирање. Најлесниот начин да ги подготвите картонот и картонските амбалажи за рециклирање е да ги притиснете за да зафаќаат помал волумен, а потоа да ги врзете со врвка или ластик, за да останат такви.

Пластика

Иако некои произведувачи на амбалажен отпад веќе почнаа да произведуваат пакувања кои можат да се рециклираат целосно, сепак кај нас тие се реткост и затоа компаниите за одложување на отпад примаат само одредени видови пластика. За да бидете сигурни дека амбалажата или предметот може да се рециклира, побарајте го знакот „green dot“, кој би требало да се наоѓа на етикетата или на лицето на производот.

…и еден куп други работи

И не, рециклирањето не се сведува само на реупотреба на хартија, стакло и пластика, туку постојат уште еден куп материјали кои можат да се одложат и пренаменат преку нивна преработка. Такви се алуминиумските амбалажи (конзерви од храна и боја, лименки), потоа батериите и компјутерските делови, тонери од принтер и слично. Постојат неколку компании кои ги примаат ваквите материјали за рециклирање и затоа е најдобро да се информирате кои се тие и како можете да ги контактирате.

За најлесно да го направите вашиот дом одржлив, обидете се да создавате што помалку ѓубре, односно отпад кој не се рециклира. Купувајте производи чии амбалажи можат целосно да се рециклираат, фрлајте го секој тип на отпад во посебна корпа и убедете ги луѓето со кои живеете да го направат истото. За почеток, можете да купите неколку корпи во различна боја и да ги сортирате: зелената за хартија, сината за пластика, црвената за стакло. А доколку немате време или едноставно не сакате да го направите тоа, само побарајте го најблискиот контејнер на Пакомак и одложете го отпадот таму, а тие ќе го направат одвојувањето на отпадот наместо вас.

Креирањето и одржувањето на здрава и одржлива заедница почнува од секој еден од нас, бидејќи напорот е индивидуален и локален, но неговиот ефект се чувствува глобално. Преку рециклирање на соодветниот отпад себеси ќе се ослободите од непотребното ѓубре, а притоа ќе придонесете кон намалување на искористување на природните ресурси и зачувување на околината. И за крај, затворете го кругот со тоа што ќе купувате и користите производи од веќе рециклиран материјал. Само така ќе враќате назад онолку колку што сте земале од природата и ќе создадете баланс, кој ќе ве направи задоволни.

Related posts

Марија Шарапова со свој дизајн на мебел

CityLife

Како да направите совршени велигденски јајца

CityLife

Навики во спалната соба кошто го намалуваат стресот

CityLife