Двегодишна научна студија спроведена од истражувачи од „Центарот за примена на концепт за намалување на штети“ покажува дека преминувањето од класични цигари на електронски цигари или производи кои го загреваат тутунот може значително да го намали оштетувањето на крвните садови и ризикот од развој на заболувања поврзани со пушењето.
Истражувањето, кое било спроведено од меѓународен тим експерти со анализи извршени во независни лаборатории, било насочено кон испитување на влијанието на различните производи врз ендотелните клетки – клетките што ја обложуваат внатрешната површина на крвните садови и имаат клучна улога во здравјето на кардиоваскуларниот систем.
Според резултатите, оштетувањето предизвикано од употребата на електронски цигари и производи кои не го согоруваат тутунот е значително помало во споредба со штетата што ја предизвикува чадот од класичните цигари.
„Едноставно, штетата што можат да ја предизвикаат електронските цигари е значително помала од онаа што ја предизвикува чадот од традиционалните цигари“, изјавил професорот Масимо Карузо, автор на студијата. Тој додава дека резултатите ги оспоруваат тврдењата според кои електронските цигари се еднакво штетни како и класичните цигари што го согоруваат тутунот.
Карузо нагласува дека преминувањето на производи без согорување на тутунот може да придонесе за намалување на кардиоваскуларните оштетувања и да го намали ризикот од заболувања како атеросклероза и хипертензија.
Основачот на Центарот, професорот Рикардо Полоса, смета дека резултатите од ова истражување би можеле да имаат значење и при креирањето на јавните здравствени политики.
„Имајќи го предвид ограничениот успех на досегашните стратегии во борбата против пушењето, овие научни сознанија можат да им помогнат на носителите на одлуки при регулирањето на производите што не согоруваат тутун“, посочил Полоса.
Во анализата се наведува дека чадот кој се создава при согорување на тутунот е еден од главните фактори за развој на атеросклероза и други кардиоваскуларни заболувања. Оштетувањето на ендотелните клетки претставува еден од првите чекори во развојот на овие болести кај пушачите.
Истражувачите истакнуваат дека намалената изложеност на токсичните материи кои се создаваат при согорување на тутунот може да доведе до помало оштетување на крвните садови и со тоа да го намали ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Според студијата, клетките изложени на аеросолот од електронските цигари ја задржуваат способноста за обновување на оштетувањата на крвните садови, за разлика од клетките изложени на чад од класични цигари, кај кои оваа способност е значително нарушена.
И покрај овие наоди, здравствените експерти нагласуваат дека најдобра опција за здравјето останува целосното откажување од употребата на сите тутунски и никотински производи, бидејќи ниту еден од нив не е без ризик.
