Доли Партон, икона на американската кантри музика, пејачка-текстописец, забавувачка и претприемачка, почина во вторник во Нешвил на 80-годишна возраст. Партон беше позната по својот уникатен талент, силна личност и животна приказна што ја однесе од сиромаштија до глобален успех, пишува „Њујорк тајмс“.
Информациите за смртта ги објави нејзиниот внук Брајан Сивер преку видео порака.
„Се викам Брајан Сивер, јас сум син на Кеси Партон. Денес, во име на семејствата Партон и Овенс, се обраќам на јавноста за да потврдам дека мојата тетка, Доли Ребека Партон Дин, нè напушти“, рече Сивер во видеото.
„Доли ме замоли да го снимам ова соопштение пред многу години, долго пред да можам да замислам дека овој момент ќе стане реалност. Повеќе од две децении бев нејзин шеф на обезбедувањето, улога што мојот татко, Лари, ја имаше пред мене. Ја замислував тежината на овој момент, но дури сега навистина ја чувствувам.“
Родена во 1946 година во Тенеси во сиромашно семејство, Партон почнала да пишува песни уште како дете. На 13 години веќе настапува во легендарното „Grand Ole Opry“, а по преселбата во Нешвил започнува кариера која трае повеќе од шест децении.
Нејзините песни „Jolene“, „9 to 5“, „Coat of Many Colors“ и „I Will Always Love You“ станаа дел од американската музичка историја.
Зад себе остави 48 студиски албуми и над 100 милиони продадени изданија. Во кариерата освои 11 „Греми“ награди, три „Еми“ награди, како и номинации за два Оскари, шест Златни глобуси и една награда „Тони“.
