Кубанскиот Центар за молекуларна имунологија (ЦИМ) објави дека научниците го развиле лекот „2Ц12“, и тој веќе е подготвен за клинички испитувања кај луѓе со напреднат рак на кожата, т.е. меланом. Се нагласува дека и покрај тешкотиите и енергетско-економски услови што произлегуваат од „американската блокада“, медицинско-научниот напредок е постигнат, објавија кубанските државни медиуми.
„’2Ц12′ е нова надеж во борбата против ракот. Неговата функција е да му помогне на природниот одбранбен механизам на човековото тело поделотворно да ги препознава и да се бори против клетките на ракот“, објави ЦИМ на својот интернет-простор.
Станува збор за лек со својства слични на „Пембролизумаб“ – еден од третманите што се користат на меѓународно ниво за стимулирање на одговорот на имунолошкиот систем против туморните клетки. Во соопштението на ЦИМ се вели дека тој лек не е достапен во Куба поради неговата висока цена и блокадата на САД. Според податоците, првото клиничко истражување со „2Ц12“ во Куба ќе се спроведе во болници во Хавана, во Националниот институт за онкологија и радиобиологија, во Клиничката хируршка болница „Ерманос Амеихеирас“ и во Универзитетската онколошка болница „Селестино Хернандез“ во покраината Вила Клара.
