Српскиот рок-музичар и член на стручното жири на „Ѕвездите на Гранд“, Ѓорѓе Давид, кој учествуваше во сообраќајна несреќа во Македонија, во која налета на жена која го загуби животот не се чувствува добро. По трагедијата на Давид кој не смее да ја напушти Македонија потребна му е стручна помош за да ја надмине траумата, пренесуваат српските медиуми. Во сообраќајката на два километри пред граничниот премин Табановце во која учествуваа три автомобили, меѓу кои беше и „опел инсигнија“ управуван од Давид, тој помина само со полесни физички повреди. По извршените анализи на крвта било утврдено дека не бил под дејство на алкохол или други опијати. Музичарот веќе еднаш доживеал сличен хорор, кога неговиот татко загинал во сообраќајна несреќа, додека тој за влакно ја избегнал смртта. Извор близок до пејачот за српска „Република“ открива дека Ѓорѓе се чувствува лошо и не може да спие по несреќата. – Ѓорѓе не е добар! Иако физички е речиси целосно закрепнат, психички воопшто не е. Бара психијатар, не може да спие, слуша лелеци и врисоци, пред очи постојано му се сцени од несреќи. Не знаеме како ќе се опорави од ова, дефинитивно му треба разговор – вели изворот. Ѓорѓе моментно не може да ја напушти Македонија и му се одземени документите, што дополнително влијае на неговата психа. – На предлог на ОЈО Куманово, за странски државјанин кој учествувал во тешка сообраќајна незгода кај Табановац изречени се мерки на претпазливост – привремено одземање на патни и други исправи (лична карта и возачка дозвола) за преминување на државата граница и обврска за пријавување во Судот – соопштија вчера од Обвинителство.