Милијардер сака да го изгради „Титаник II“: „Ќе плови по истиот пат како и оригиналниот брод“

Titanik2.jpg

Милијардерот и рударски магнат Клајв Палмер вети дека ќе изгради брод „далеку, далеку подобар од оригиналот“ за време на откривањето на нацртите за проектот „Титаник II“. Палмер изнајмил соба во операта во Сиднеј за да објави дека неговата визија за изградба на голема реплика на океанскиот брод, конечно, ќе се оствари.

Сепак, откога сподели изјава со новинарите, во која вети дека неговата компанија, „Блу стар лајн“, ќе изгради „луксузен брод од врвен стил“, Палмер призна дека допрва треба да обезбеди бродоградилиште. Поминаа речиси 10 години откако Палмер одржа слична прес-конференција во лондонскиот хотел „Риц“ за да го открие својот сон за изградба на нов „Титаник“.

Дури и тогаш новинарите го прашале дали проектот е измама или рекламен трик, а Палмер одговорил дека има „доволно пари за да изгради 10 брода“. Во меѓувреме, Палмер имаше мандат во австралискиот парламент и потроши милиони долари на разни правни предизвици, туристички потфати и скапи изборни кампањи, пишува „Гардијан“.

Работата на „Титаник II“ беше прекината во 2015 година кога се појави спор за плаќање меѓу една од компаниите на Палмер и кинеската компанија „Ситик“. Палмер го најави проектот повторно во 2018 година со предложен датум за лансирање до 2022 година.

На денешната конференција тој ја обвини пандемијата на коронавирусот за доцнењата. Тој рече дека овој пат луѓето треба да му веруваат бидејќи „сега има повеќе пари“. „Многу е позабавно да го правиш ‘Титаник’ отколку да седиш дома и да си ги броиш парите“, рече Палмер, кој ќе наполни 70 години подоцна овој месец.

„Сè што ви треба за да бидете среќни е да имате некој што ве сака, некаде да спиете навечер и да имате доволно за добар оброк. Освен тоа, другото е илузија“, додаде тој. Тој е уверен дека може навреме да го обезбеди бродоградилиштето за да почне да го гради бродот на почетокот на следната година.

Првото патување на бродот е закажано за јуни 2027 година. Бродот треба да патува од Саутемптон до Њујорк повторувајќи го несреќното патување на оригиналот во 1912 година. Палмер најави дека тендерите за изградба ќе бидат објавени во јуни, а договорите ќе бидат потпишани до декември.

Тој процени дека бродот тежок 56.000 тони ќе чини меѓу 500 милиони и 1 милијарда долари. Тој потврди дека финската компанија за дизајн и поморско инженерство на бродови „Делтамарин“ го поддржала проектот. Иако вистинскиот брод сè уште не е на повидок, тој покажа петминутна 3Д-анимација од деветте палуби на „Титаник II“.

Палмер тврди дека ќе ангажира некои од „најдобрите дизајнери за крстарење во светот“. Бродот би имал ист ентериер и распоред на кабините како и оригиналниот брод, комплет сала за бал, базен и турска бања. Оригиналниот „Титаник“ удри во санта мраз за време на своето прво патување преку Атлантикот и потона на 15 април 1912 година, што резултира со смрт на приближно 1.500 патници и членови на екипажот.

Related posts

Менаџерот на Бритни Спирс поднесе оставка

CityLife

Поднесено обвинение против Тони Цетински: пејачот може да биде казнет од 8 години затвор

CityLife

Тејлор Свифт на удар поради користење на привати авиони

CityLife