Британскиот принц Хари и американската водителка и продуцентка Опра Винфри премиерно ќе ја прикажат својата документарна серија за ментално здравје подоцна овој месец, а меѓу личностите кои придонесоа за овој проект се пејачката Лејди Гага и актерката Глен Клоуз.
ТВ-серијата The Me You Can’t See, која заедно ја креираат и продуцираат Хари и Винфри, ќе содржи приказни од гости од висок профил и гости од целиот свет на тема ментално здравје и емоционална благосостојба, „Епл ТВ плус“, стриминг-платформата што ќе ја емитува програмата од 21 мај, соопшти во понеделникот.
Винфри нагласи дека документарната серија има за цел да предизвика глобален разговор и да го замени срамот околу менталното здравје со мудрост и сочувство. Меѓу учесниците ќе бидат и кошаркарите Димар Дироузен од San Antonio Spurs и Ленгстон Галовеј од Phoenix Suns, соопшти „Епл“.
„Секој од нас носи некаква форма на нерешена траума, загуба или тага, која се чувствува и, е многу лична“, рече принцот Хари, внук на британската кралица Елизабета.
„Сепак, изминатава година ни покажа дека сите сме во ова заедно. Јас се надевам оваа серија ќе покаже дека постои моќ во ранливоста, поврзаност во емпатијата и сила во искреноста,“ додаде Хари.