Италијанските инфлуенсери и другите креатори на содржини на социјалните мрежи наскоро би можеле да бидат обврзани со истите правила што важат за традиционалните медиуми кога објавуваат содржина на интернет.
Активностите на инфлуенсерот ќе бидат под контрола на италијанската агенција за комуникации.
Правилата првично ќе важат за инфлуенсерите кои имаат повеќе од милион следбеници.
„Дивиот запад на инфлуенсери заврши. Почнуваме со големите, но и другите ќе мора да се прилагодат“, вели првиот човек на AGCOM, Џакомо Ласорела, пренесува „Република“.
Добро познатите инфлуенсери ќе се соочат со високи парични казни доколку не ја покажат јасно нивната соработка со брендовите или не ги откријат своите комерцијални интереси во објавите.
Предложените упатства, исто така, имаат за цел да ги заштитат децата со нови прописи кои вклучуваат строги казни за инфлуенсрите до 250.000 евра.
Италијанската агенција за комуникации забележува дека новите мерки се однесуваат на „комерцијална комуникација и заштита на основните права на луѓето, малолетниците и спортските вредности“.