Туристите кои престојуваат во Пефкохори на Халкидики се предупредени да не се капат во дел од морето кај плажата Акротири, откако локалните власти воведоа привремена забрана поради истекување на отпадни води предизвикано од пукнат канализациски цевковод.
Одлуката ја донесе Општина Касандра како превентивна мерка за заштита на јавното здравје, а забраната важи за крајбрежен појас во должина од 200 метри од двете страни на местото каде што се случило истекувањето.
Според информациите на грчките медиуми, дефектот настанал по пукање на канализацискиот цевковод, при што дошло до излевање на отпадни води во морето во областа „Акротири“. Општинските служби веднаш интервенирале, го санирале дефектот и го запреле понатамошното истекување, по што следувале активности за чистење и дезинфекција на теренот.
И покрај тоа што дефектот е отстранет, забраната за капење останува во сила сè додека не пристигнат резултатите од лабораториските анализи на примероците од морската вода. Надлежните институции ќе утврдат дали квалитетот на водата ги исполнува здравствените стандарди пред повторно да дозволат користење на плажата.
Локалните власти нагласуваат дека ограничувањето не се однесува на целото туристичко место Пефкохори, туку исклучиво на јасно обележаниот дел од плажата Акротири.
На туристите и жителите им се препорачува да ги следат известувањата на локалните власти и строго да ја почитуваат забраната сè до нејзиното официјално укинување.
За инцидентот се известени сите надлежни институции, меѓу кои Дирекцијата за јавно здравје и Центарот за заштита и унапредување на животната средина на регионалната единица Халкидики, кои ќе ја следат состојбата и ќе ја донесат конечната одлука по добивањето на резултатите од анализите.
