Туристичкиот комплекс Свети Стефан во Црна Гора повторно ќе биде отворен на 1 јули, по петгодишна пауза. Закупецот на комплексот соопшти дека сите подготовки за прифаќање на гостите се завршени, но отворањето е проследено со спор со локалното население поради поставената капија на Краличината плажа.
„Од сите хотели од ланецот ’Аман‘ во светот, ’Аман Свети Стефан‘ моментално е на прво место според бројот на резервации“, наведуваат од компанијата за црногорскиот медиум „Вијести“.
Во рамките на комплексот веќе се отворени двата познати ресторана, „Зума“ (Zuma) и „Намос“ (Nammos), а првите гости во „Вила Милочер“ пристигнале уште на 22 мај. На располагање им е и спа-центарот сместен на Краличината плажа. Оваа плажа во периодот од 8 до 20 часот е достапна исклучиво за хотелските гости, додека на Големата милочерска плажа (позната како Кралева плажа), дел од плажниот инвентар е резервиран за локалното население.
Цената за користење на две лежалки, чадор за сонце и придружна услуга на Краличината плажа изнесува 240 евра. На Западната светостефанска, односно на хотелската плажа, изнајмувањето две лежалки со чадор чини 220 евра.
Повторното отворање на луксузниот туристички комплекс следува откако Владата на Црна Гора го усвои предлогот за условите за спогодба со закупецот „Адриатик пропертис“ (Adriatic Properties), со цел да се избегне потенцијална штета проценета на повеќе од 100 милиони евра во меѓународниот спор.
Сепак, враќањето на капијата на Краличината плажа предизвика револт кај жителите на Свети Стефан. Тие тврдат дека со овој потег повторно им се ограничува пристапот до шеталиштето кое ги поврзува Свети Стефан и Милочерскиот парк во периодот од 8 до 20 часот.
Поради ова, Советот на месната заедница Свети Стефан поднесе кривична пријава до Основното државно обвинителство во Котор против „Адриатик пропертис“, како и против други надлежни државни и општински институции. Истовремено, од Комуналната инспекција на Општина Будва е побарано итно отстранување на оградата и капијата кои се поставени на јавна површина.
