Од италијанска винарија украдени 30.000 шишиња вино вредни 5 милиони евра

Vino.jpg

Најмалку седум маскирани крадци украле околу 30.000 шишиња вино, вредни пет милиони евра, од престижната винарија „Маркизи Антинори“ во Тоскана, Италија. Се верува дека станува збор за најголемиот грабеж на вино досега забележан во земјата, пренесува британски „Гардијан“.

Крадците упаднале во винскиот подрум во Кортона, ги исклучиле алармите и надзорните камери, а потоа со виљушкари натовариле два камиона со скапоцени вина и побегнале.

Меѓу украдените шишиња се и познатите вина „Солаја“, „Гвадо ал Тасо“ и „Тињанело“, од бербата во 2023 година, чија цена се движи од 120 до 400 евра по шише.

Кражбата се случила минатата сабота, на 3 октомври, но била откриена дури во понеделникот, кога вработените пристигнале на работа.

„Бандата беше многу добро подготвена. Кражба од вакви размери и вредност досега не се случила во Италија“, изјавил извршниот директор на винаријата, Ренцо Котарела, за „Кориере дела сера“.

Тој изразил надеж дека истражителите ќе успеат да пронајдат барем дел од украденото вино, посочувајќи дека патиштата во Тоскана се покриени со надзорни камери.

Винаријата, основана во 1385 година, ги предупредила своите купувачи да бидат внимателни доколку наидат на понуди за нејзините вина надвор од официјалните продажни канали.

Related posts

Следуваат две тензични недели – луѓето ќе имаат „краток фитил“ вели Јанковска

CityLife

Студија: Дивите животни имаат клучна улога во регулирањето на климатските промени

CityLife

Шер изненади фан со Алцхајмерова болест

CityLife