Додека предупредувањата за можните ризици од вештачката интелигенција стануваат сè погласни, на интернет повторно се актуализираат пророштвата на францускиот астролог Мишел де Нострдам, попознат како Нострадамус.
Неговите следбеници тврдат дека еден од мистериозните катрени напишани пред речиси пет века би можел да се протолкува како предупредување за технологија која во иднина ќе излезе од човечка контрола, пишува „Ледбајбл“.
Темата повторно доби внимание по предупредувањата на извршниот директор на компанијата Anthropic, Дарио Амодеи, за брзината со која напредуваат системите за вештачка интелигенција.
Според „Ледбајбл“, Амодеи предупредил дека развојот на ВИ се одвива со огромна брзина, додека механизмите за безбедност и заштита не напредуваат со исто темпо.
Посебна загриженост предизвикува можноста напредните ВИ-системи да бидат злоупотребувани во сајбер-напади и други активности на интернет.
Според написот, Амодеи предупредува дека, доколку продолжи сегашното темпо на развој, во период од шест до 12 месеци би можеле да се појават многу поспособни и поопасни автономни ВИ-системи на интернет.
Токму ваквите предупредувања повторно ги поттикнаа љубителите на пророштвата на Нострадамус да бараат паралели меѓу неговите стихови и денешниот технолошки развој.
Нострадамус, кој живеел во 16 век, оставил стотици катрени – кратки стихувани пророштва напишани со симболичен и често нејасен јазик. Низ вековите тие биле поврзувани со војни, природни катастрофи, политички пресврти и смртта на познати личности.
Сега дел од неговите следбеници се обидуваат одредени стихови да ги поврзат и со подемот на вештачката интелигенција и можноста технологијата еден ден да стане премногу моќна за човекот целосно да ја контролира.
Сепак, не постои доказ дека Нострадамус предвидел нешто што може конкретно да се идентификува како вештачка интелигенција. Неговите стихови се доволно неодредени за низ различни историски периоди да добиваат нови толкувања и да се поврзуваат со настани што се случиле стотици години по неговата смрт.
И самиот „Ледбајбл“ забележува дека ваквите пророштва често се приспособуваат на современите настани и стравови.
Она што, сепак, е реално е сè погласната дебата за ризиците од брзиот развој на ВИ. Покрај потенцијалните придобивки, експертите предупредуваат и на опасностите од злоупотреба, сајбер-напади, ширење лажни содржини и тешкотиите во разликувањето на автентична од содржина создадена од вештачка интелигенција.
Токму комбинацијата од современите предупредувања и мистериозните стихови стари речиси 500 години повторно го врати Нострадамус во центарот на вниманието – иако тврдењето дека тој навистина го „предвидел“ подемот или опасноста од вештачката интелигенција останува само современа интерпретација.
