Штип и годинава ќе биде центар на македонската забавна музика. На 30 и 31 октомври, градот ќе биде домаќин на 41. издание на фестивалот „Макфест“. Повеќе од четири децении фестивалот е место на кое се среќаваат различни музички генерации, се претставуваат нови композиции и се создаваат песни што продолжуваат да живеат и по завршувањето на фестивалските вечери.
Овогодишното издание носи нови музички содржини и авторски остварувања зад кои стојат докажани имиња од домашната музичка сцена. Рефрените од новите композиции веќе ја најавуваат музичката понуда на овогодишниот фестивал, на кој препознатливиот дух на „Макфест“ повторно ќе се сретне со нови идеи, различни стилови и интерпретации.
„Макфест“ со години има значајно место во музичкиот живот на Штип, но и во пошироката македонска културна сцена. Неговата вредност е во континуитетот, можноста за афирмација на авторите и изведувачите, како и во создавањето песни што преку фестивалот го започнуваат својот пат до публиката.
Во пресрет на овогодишното издание, за значењето на „Макфест“ за Штип, како и за новините и музичката програма што ја носи фестивалот, зборуваат градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, и уметничкиот директор на фестивалот, Роберт Саздов.
Градоначалникот на Штип истакна дека градот и оваа година ќе биде центарот на културните и музичките случувања во земјава, во знакот на одржувањето на фестивалот „Макфест“: „Фестивалот претставува значаен белег на градот, но и важен дел од македонската музичка традиција, кој со децении ги обединува музичките имиња, публиката и љубителите на македонската забавна музика“, посочи Јорданов.
За музичката содржина на фестивалот, Саздов истакна:
„Оваа година имаме навистина одлична програма. Имаме неколку учесници коишто за првпат ќе настапат, но имаме и истакнати македонски музички имиња што ќе бидат дел од единствениот фестивал на забавни мелодии“.
Со 41. издание, „Макфест“ ја продолжува традицијата на фестивал што оставил значаен белег во историјата на македонската забавна музика и продолжува да отвора простор за нови песни и музички имиња. На 30 и 31 октомври, фестивалската сцена во Штип повторно ќе биде местото каде што новите композиции ќе ја сретнат публиката и ќе започнат да ја пишуваат својата приказна.
Во поглед на целокупниот изглед на фестивалот, оперативниот координатор Александар Арсовски најави дека оваа година ќе има големи измени во поглед на визуелниот дел на фестивалот, како и сцената, која ќе биде нешто поразлично од сè она што сме гледале досега.
Штип ќе пулсира во ритамот на македонската забавна мелодија последните два дена од месец октомври, со надеж дека и од ова издание ќе излезат нови македонски хитови кои ќе се пејат низ годините.
На првата фестивалска вечер ќе настапат Анастасија Спасевска, Драгана Јовановска, Девана, Kaly и Гоки, Санела Шукриевска, Ненад Вржалски, Три пати на ден, Дорис Ди, Арте-Факт, Ана Цамбулева, Доно, Тамара Грујеска, Теа Златева, Марија Наумоска и Елена Наумова.
На макфестовската сцена, втората вечер ќе настапат Огнен Здравковски, Врчак и Симона Поповска, Елвир Мекиќ, Јован Јованов и Тони Зен, Ристо Самарџиев, Агни Авшар, Наташа Малинкова, Викторија Лоба, Thea Trajkovska, Давид Темелков, Марија Спасовска и Марија Данева.
