Можеби едно од најголемите неодговорени прашања во науката, за тоа како настанал животот на Земјата, можеби тукушто доби важен дел од одговорот. Јапонските научници тврдат дека откриле оти астероидот Рјугу ги содржи сите пет нуклеобази – основните молекули што ја сочинуваат ДНК-та и РНК-та, т.е. генетскиот материјал својствен за сите познати живи суштества на планетата Земја.
Истражувачите дошле до откритието проучувајќи 5,4 грама од примерок од вселенското тело, донесен на Земјата од јапонското вселенско летало „Хајабуса-2“. Примерокот, се наведува, содржел аденин, гванин, цитозин, тимин и урацил – азотни бази што овозможуваат складирање и пренесување генетски информации. Ова е првпат да биде откриен целосно и урамнотежено множество на сите основни градивни делови на рибонуклеинската и дезоксирибонуклеинската киселина (РНК и ДНК) на едно небесно тело. За разлика од претходните истражувања, коишто пронајдоа само поединечни молекули на метеоритите, Рјугу покажа присуство на сите пет компоненти на РНК и ДНК во слични количини, што е единствено откритие. Научниците веруваат дека откритието посочува дека молекуларните градивни елементи на животот можеби би можеле да бидат и многу пораспространети во вселената отколку што се мислеше досега.
Студијата на јапонските научници е објавена во престижното научно списание „Нејчр астрономи“ (Nature Astronomy), под наслов „Комплетен сет на канонски нуклеобази во јаглеродниот астероид (162173) Рјугу“, чијшто прв автор е Јошихиро Охба.
Научниот труд силно ја поткрепува теоријата дека астероидите и метеоритите можеби ги донеле основните состојки на животот на младата планета Земја, откога таа, пред повеќе од четири милијарди години, се обликувала како тело.
Според истражувачите, хемискиот состав на астероидот укажува дека неговото матично тело некогаш било богато со вода. Таквата средина можела да овозможи сложени хемиски реакции коишто низ милиони години создавале органски молекули. Иако научниците сè уште не знаат како овие едноставни органски супстанции се претвориле во првите живи организми, новото откритие веројатно значи дека состојките потребни за формирање на живот се широко распространети и низ Сончевиот Систем, но и процес којшто се случува низ целиот универзум – каде и да постојат соодветни услови.
