Американската компанија Мета денеска објави дека корисниците на нејзините услуги во Европската унија ќе можат да ги одвојат своите профили на Фејсбук и Инстаграм, како и да се исклучат од другите апликации на Мета.
Овие промени значат дека потрошувачите во ЕУ ќе можат да ги користат апликациите на Мета кои нема да споделуваат кориснички информации меѓу себе, пишува Verge.
„Одлуката на компанијата Мета е донесена во светло на фактот дека новиот Закон за дигитални пазари (DMA) ќе стапи на сила во Европската унија во март, а корисниците во ЕУ ќе добијат информации за промените во наредните недели“, се вели во соопштението.
Меѓу другото, корисниците ќе можат да го користат Messenger како самостојна услуга без сметка на Фејсбук и да ги одделат своите профили на Фејсбук и Инстаграм доколку претходно биле поврзани.
Услугите на платформите Facebook Marketplace и Facebook Gaming ќе бидат достапни дури и ако корисникот не е поврзан со неговата главна сметка на Фејсбук.
Најавата на Мета доаѓа откако Гугл на почетокот на овој месец објави на сличен начин дека ќе им овозможи на корисниците да престанат да споделуваат податоци помеѓу услугите како Google Search, YouTube, Google Maps и веб-прелистувачот Chrome.