Социјалните мрежи и апликациите за запознавање создаваат нов психолошки феномен што сè повеќе ги збунува младите при изборот на животен партнер, предупредуваат научници. Новото истражување, претставено на годишната конференција на Друштво за експериментална биологија во Прага, покажува дека постојаната изложеност на нови „можности“ преку интернет ја намалува подготвеноста за долгорочни и стабилни врски.
Истражувањето, пренесено од „Мејл онлајн“, укажува на појавата на т.н. „конфузија на социјалните медиуми“ – состојба во која младите, особено на возраст меѓу 18 и 30 години, имаат сè поголеми тешкотии да одлучат кој е вистинскиот партнер за нив.
Според авторот на истражувањето, Чајан Мунши, денешниот избор на партнер е под силно влијание на социјалните мрежи, физичкиот изглед, финансиската состојба и впечатокот што луѓето го оставаат на интернет.
Истражувачите предупредуваат дека платформите за запознавање постојано создаваат чувство дека секогаш постои „подобра опција“, поради што многумина продолжуваат да разгледуваат нови профили дури и кога веќе се во стабилна љубовна врска.
Анкетата покажала дека жените почесто од мажите чувствуваат несигурност и збунетост при изборот на партнер. Испитаниците одговарале на прашања дали им е тешко да изберат животен сопатник, дали продолжуваат да бараат нови партнери и покрај тоа што се во врска и дали би ја замениле сегашната врска со „подобра можност“.
Дополнителен проблем, според научниците, претставува влијанието на филтрите и вештачката интелигенција. Денес многу луѓе ги обработуваат своите фотографии за да изгледаат поатрактивно, со што се создава нереална слика за физичкиот изглед и се зголемуваат очекувањата од потенцијалниот партнер.
„Ова создава искривен поглед на реалноста кај младите, што води до конфузија околу изборот на потенцијалните животни партнери“, посочува Мунши.
Истражувачите нагласуваат дека современите генерации сè повеќе го вреднуваат моменталното задоволство и возбудата во врската, наместо долгорочната стабилност. Според нив, ваквиот тренд може да има сериозни последици врз емоционалните односи и менталното здравје, поради што се потребни дополнителни истражувања за подобро разбирање на влијанието на социјалните мрежи врз љубовните врски.
