„Инстаграм“ го објави глобалното пуштање на новата функција наречена „Инстанти (Instants)“, која овозможува споделување автентични фотографии што исчезнуваат. Функцијата, по тестирањето со избрани корисници, овозможува споделување фотографии што ќе бидат достапни за преглед само еднаш и ќе останат видливи 24 часа.
Апликацијата е инспирирана од социјалните платформи како „Снепчат“, „Локет“ и „Бириал“, нагласувајќи автентична и краткотрајна содржина. Според „Мета“, замислата е да се споделуваат автентични мигови додека се случуваат. За разлика од вообичаената содржина на „Инстаграм“ што често се уредува, „Инстанти“ се дизајнирани за мигови – брзи и во реално време. Фотографиите се снимаат во рамките на апликацијата и не е дозволено нивно уредување. Форматот не дозволува ниту прикачување од галеријата и иако е можно да се додаде текст, понатамошното уредување не е можно.
„Мета“ исто така го тестира „Инстанти“ како самостојна апликација во одредени подрачја и земји како Шпанија и Италија. Корисниците може да снимат „Инстант“ со допирање на мини купот фотографии во долниот десен агол од нивното сандаче на инстаграм-профилот. Откога ќе споделат инстант-фотографија, примателите може да реагираат со емотикони, да одговорат или да испратат свој „Инстант“.
„Инстаграм“ ќе ги складира споделените „Инстанти“ во приватна архива, што корисниците може да ја гледаат до една година. Исто така, можно е да ги соберете фотографиите од архивата во преглед и да ги објавите во „Приказни“ (Instagram Stories).
Ако случајно споделите „Инстант“, ќе може да се допре копчето „врати“ и да ја избришете содржината од архивата за да го повлечете од пријателите што сè уште не го отвориле.
Ако не сакате да добивате инстант-објави, може да е исклучи. Може исто така да блокирате или исклучите одредени луѓе. „Инстаграм“ се враќа на своите корени сосредоточувајќи се на понеформални и приватни интеракции меѓу пријателите преку споделувањето фотографии. Од друга страна, пак, некои критичари велат дека, на пр., сличниот концепт на „Бириал (BeReal)“ веќе не е толку популарен и многу корисници веќе ги користат „Приказните“ за брзи, неформални ажурирања. Затоа, дополнителна функција, како што велат познавачите – не е потребна.
